Пикси замина среде натпревар, помошникот го доврши мечот со Албанија!

by riste
1 минути читање

Според српските медиуми, селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси порано заминал од мечот против Албанија и му дал задача на неговиот помошник да го доврши натпреварот.

Србија доживеа болен пораз од Албанија во Лесковац, а навивачите повторно бараа оставка од Пикси.

И покрај тоа што ги однесе на две големи натпреварувања, Пикси никогаш не ги убеди навивачите дека тој е вистинскиот човек за селектор на Србија.

Тие уште од дебаклот на Европското првенство бараат селекторска смена, но Пикси досега ја имаше поддршката од Александар Вучиќ, па се одржа на функцијата.

По дебаклот од Англија среде Белград, денеска следуваше нов тежок пораз на Србија, се чини дека чашата е прелеана.

„Стојковиќ стана од клупата и ја поздрави публиката со кренати раце во насока на трибината од каде се слушаше скандирање ‘Пикси, оди си’. Од тој момент репрезентацијата ја водеше Братислав Живковиќ“, објавија српските медиуми.

По натпреварот, во првата изјава Пикси се пожали на високиот притисок од јавноста, како и навредите од навивачите на стадионите и социјалните мрежи. Од неговите зборови не може да се заклучи дека тој навистина си поднел оставка.

„Навистина не мислев дека Албанија може да не победи и овој пораз не требаше да се случи, не поради мене, туку поради репрезентацијата. Сепак, поразот дојде, јас го прифаќам и тука сум, како лидер на репрезентацијата, да ги сносам последиците“, рече, меѓу другото, Стојковиќ.

Со денешниот пораз Србија речиси и да ги загуби шансите за пласман на Светското првенство. Останува уште само тешко остварлива теорија.

Следниот меч на Србите е против Андора, а дали Пикси ќе остане дотогаш на клупата, останува да се види, но мали се шансите да продолжи да биде селектор по денешниот дебакл.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×