Силекс и Брегалница ги поделија бодовите во Кратово, откако во натпреварот од седмото коло во Првата македонска фудбалска лига одиграа 2-2. Иако натпреварот понуди четири гола и пресврти, ремито не им одговара на ниту една од двете екипи.
Кратовци поведоа уште во седмата минута, кога Хаџи-Кимов несреќно ја затресе сопствената мрежа и му донесе предност на Силекс од 1-0. Со овој резултат се замина на пауза.
Брегалница, сепак, во вториот дел направи целосен пресврт. Стојанов во 49. минута го израмни резултатот, а Маско во 67. минута се запиша во листата на стрелците за водство на штипскиот тим од 2-1.
Гостите беа на чекор до првата победа на гостински терен сезонава, но Силекс успеа да избегне пораз. По еден центаршут, голманот Јашар направи голема грешка, која ја искористи резервистот Мишов и во финишот го постави конечните 2-2.
За Силекс ова беше четврти натпревар без победа во првенството, додека Брегалница третпат не успева да стигне до три бода. Двете екипи остануваат во долниот дел од табелата.
Силекс по седум одиграни кола е шести со осум бода, колку што има и седмопласираниот Арсими. Брегалница е веднаш зад нив со седум бода.
Седмото коло ќе биде комплетирано утре со натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Скопје.