Вејн Руни му замерува на Мо Салах што не помага доволно во одбрана и додава дека сличен проблем имало и во Манчестер јунајтед со Кристијано Роналдо.
По одличниот старт на сезоната, Ливерпул влезе во резултатска криза, „црвените“ изминатиов викенд загубија на гостувањето кај Челси и врзаа три порази во низа.
Мохамед Салах игра под очекувањата, а Вејн Руни вели дека без голови и асистенции, до израз доаѓа тоа што Египјанецот не помага во одбрана.
„Знаеме дека многу ретко се враќа назад да покрие, но против Челси, десниот бек го распарчуваа на сите страни, а Салах само гледаше“ – вели легендата на Манчестер јунајтед.
„Не се враќа во одбрана да помогне, и играчи како Ван Дајк и останатите лидери во соблекувалната ќе мора да седнат и да поразговараат со него“.
„Кога работите одат според планот и победувате, никој ништо нема да ви замери, но изминатава недела, би рекол дека неговата работна етина е на многу ниско ниво“.
Вејн Руни потоа додаде дека Арне Слот можеби треба да размисли за нова позиција за Мохамед Салах.
„Можеби Салах ќе треба да игра повнатре, а Вирц како крило. На овој начин ќе имате фудбалер кој ќе покрива во одбрана, плус брилијантноста на Салах и неговите голови“.
„Имавме сличен проблем со Кристијано Роналдо во Манчестер јунајтед, кој едноставно не сакаше да трча назад. Па Ферги го помести повнатре, и со тоа го добивме отребниот баланс и помагање на одбраната“.