Баерн Минхен славеше убедливо со 1-5 на гостувањето кај Пафос во второто коло од Лигата на шампионите, а единствената светла точка за домашните беше мајсторијата на Оршиќ кој постигна прекрасен погодок.
Сепак, по натпреварот во центарот на вниманието се најде голманот на баварците, Мануел Нојер. Тој имаше вербална расправија со еден новинар кој го праша дали можел подобро да реагира при голот на Оршиќ.
„Тоа беше невозможно да се одбрани. Дали доцнев со реакцијата? Вие сте биле ли голман? Топката првично отиде право, а потоа го смени правецот. Се движеше кон мене, но потоа ја смени траекторијата и отиде во аголот. Да игравте фудбал, ќе разберевте за што зборувам“, изјави Нојер.
Со оваа победа Баерн стигна до максимални шест бода по првите две кола во главната фаза и уште еднаш потврди дека е еден од главните фаворити за пласман во елиминациите.