Црвена Звезда ќе му гостува на Порто во второто коло од Лигата Европа без својот најдобар играч оваа сезона. Александар Катаи заработи повреда на коленото на натпреварот со Селтик и ќе паузира неколку недели.
Српскиот шампион потврди дека офанзивецот ќе биде надвор од терените и нема да му биде на располагање ниту на селекторот Драган Стојковиќ за октомвриските дуели со Албанија и Андора.
„На мечот од првото коло на Лигата Европа, Катаи го повреди коленото и пред него е неколкунеделна пауза. Се очекува да биде во конкуренција по репрезентативната пауза во октомври“, соопштија од клубот.
Катаи е во одлична форма и моментално е најдобар стрелец во српското првенство со 11 постигнати голови.