Манчестер Сити без проблем го совлада Барнли, но натпреварот донесе и една загрижувачка вест за „граѓаните“. Во составот на Пеп Гвардиола го немаше Родри, играчот кој е еден од најважните во неговата тактичка шема.
Шпанецот веќе беше одморен во Лига купот против Хадерсфилд, но изненадувачки не доби минути ниту во премиерлигашкиот дуел. Причината ја откри Гвардиола по средбата.
„На тренинг ми рече: „Не сум во состојба да играм. Чувствувам силна болка во коленото, не можам да играм“. Јас му одговорив: „Ако не можеш, тогаш немој да играш, ќе игра некој друг“. Засега не знам ништо повеќе, освен дека станува збор за истото колено кое веќе имаше проблеми“, истакна Каталонецот.
Родри токму поради таа повреда минатата сезона пропушти долг период, па новата ситуација ги вклучи алармите на „Етихад“. Во наредните денови ќе стане појасно колку е сериозна состојбата.