Фудбалската федерација на Македонија преку социјалните мрежи соопшти дека денес беше одржана новата седница на Управниот одбор.
На неа се донесени повеќе одлуки на различни теми. Управниот одбор утврди дека цените на билетите за натпреварот на Македонија против Казахстан ќе бидат по 300 за западната трибина, а по 400 и 500 за јужната и северната во зависност од категоријата. Исто така, потврдено е дека бесплатен ќе биде влезот за сите фудбалерчиња во младинските категории во Македонија. Ова е последен натпревар на нашата селекција во квалификациите за Светското првенство пред домашна публика.
Средбата меѓу Македонија и Ерменија во квалификациите за Европското првенство до 21 година на 10 октомври ќе се одигра одново во Битола. Билетите за овој натпревар ќе се продаваат по 200 денари.
Меѓу другото, се зборуваше и за реновирањето и градењето на трибина на „Градскиот стадион“ во Штип. Според инспекциските мерки, утврдено е дека градењето не е во задоволителна фаза, а ФФМ во овој процес ќе ја вклучи и УЕФА.
Управниот одбор на ФФМ го донесе и одлуиките за распределба на средства од солидарната шема на УЕФА за клубовите од ПЖФЛ, а ги усвои и пропозициите за натпреварување во Детскиот фудбал за новата сезона.