Екипата на Македонија Ѓорче Петров денеска, во рамките на шестото коло од ПМФЛ, на домашен терен ја пречекува екипата на Брера, дуел во кој „лавовите“ имаат императив од повеќе аспекти.
„Лавовите“ на стартот од шампионатот не ги освоија посакуваните бодови, имајќи и тежок распоред со натпревари против фаворитите. Од друга страна, Брера не спаѓа во таа категорија, бидејќи струмичани се мачат и на резултатски и на играчки план. Конечно, домашниот терен во Прва МФЛ отсекогаш бил и ќе биде предност за секоја екипа, во секоја ситуација.
„Првенството е на самиот почеток и има уште многу за играње. Можеби досега резултатски не направивме голем успех, но играта, а пред сè тимскиот дух, од натпревар во натпревар се движи во нагорна линија. Имаме еден од поквалитетните ростери во лигата и убеден сум дека допрва доаѓа најдоброто од Македонија Ѓ.П. оваа сезона. Со Вардар одигравме одличен меч. И покрај тоа што игравме против еден од најквалитетните тимови во лигата, покажавме дека Македонија Ѓ.П. во ниту еден момент не отстапува од своите принципи, да игра офанзивен, модерен фудбал. Впрочем, Прва МФЛ е интересна токму затоа што секој може да победи секого. Фаворити постојат само на хартија. Брера е квалитетен противник, но ние имаме ист пристап на секој натпревар, уживање во играта и максимална борба за победа“, изјави голманот Ристе Јанков.
Новиот предводник на тимот, Мартин Алаѓозовски, верува дека Брера може да продолжи во ист ритам и против „лавовите“ од Ѓорче Петров.
„Малку е полесно, мислам дека го добивме она што го заслуживме и на некои претходни натпревари. Триумфот против Шкупи сигурно ќе биде дополнителен мотив за нас да се прикажеме во позитивно светло и на дуелот со Македонија ЃП. Тие се одличен тим, особено добри пред своите гледачи, но ние доаѓаме да се надигруваме и верувам дека можеме да извлечеме поволен резултат“, рече Алаѓозовски.
Натпреварот во Ѓорче Петров ќе се одигра во терминот од 15:30 часот.