Тренерот на Тотнем, Томас Франк, излезе со неколку предлози за промени во правилата на фудбалот, кои, според него, би донеле нова динамика, но и повеќе правичност во играта.
Данецот, кој летово ја презеде клупата на „петлите“ од Анге Постекоглу, веќе има успешен старт, две победи во првите три кола од Премиер лигата, додека во УЕФА Суперкупот загуби од ПСЖ по изведувањето на пенали.
„Би вовел по еден тајм-аут во двете полувремиња. Од тренерска преспектива, мислам дека е одлично да имате прилика да разговарате со фудбалерите, така може да промените некои работи“, изјави Франк.
Посебен акцент стави и на правилото за игра со рака, кое често предизвикува полемики.
„Би го укинал правилото за играње со рака бидејќи за мене тоа не е исправно. Ако случајно играте со рака во шеснаесетникот му давата на противникот најголема шанса само затоаа што нешто така се случило. Секако, ако сте на гол-линијата и браните како голман, тогаш е поинаку. Но, едноставно не разбирам како ако само ве допре топката по рака во одреден момент е причина противникот да има така голема шанса за гол. Тоа е нешто кое треба да се промени“, порача стратегот на Тотенхем.