Финишот на летниот преоден рок донесе вистинска драма во Њукасл, кој во последен момент го комплетираше трансферот на напаѓачот Јоан Виса од Брентфорд.
Клубот претходно го сруши сопствениот рекорд со ангажманот на Ник Волтемаде од Штутгарт за 85 милиони евра, а Виса пристигна како дополнителна опција во нападот за 58 милиони евра. Двајцата ќе треба да го надоместат заминувањето на Александер Исак во Ливерпул за 150 милиони евра.
Трансферот на Конгоанецот замалку ќе пропаднеше поради негова сопствена несмасност, бидејќи не потпишал еден од потребните документи. Според „Sky Sports“, еден од агентите на играчот буквално трчал до тренинг центарот на Њукасл за да му го достави хартиениот документ и да добие потпис.
Без тој потпис, Премиер лигата немаше да даде зелено светло за регистрација. Конечно, потписот беше ставен и верификуван во 20:59 часот, само триесет секунди пред затворањето на преодниот рок.