Голем број на извори пренесуваат дека Милан доставил понуда за Виктор Бонифејс од Баер Леверкузен и преговорите добро напредуваат.
„Росонерите“ ова лето поставија ангажман на нов напаѓач како еден од приоритетите и изминатиов период често имаше гласини за тоа кој би можел да пристигне на Сан Сиро.
Душан Влаховиќ се споменуваше како опција, во последно време се пишуваше за ангажман на Расмус Хојлунд, но последните информации велат дека Милан е пред ангажман на трет напаѓач.
Игли Таре отворил преговори со Баер Леверкузен за ангажман на Виктор Бонифејс.
Одредени извори пренесуваат дека понудата е позајмица со опција за перманентен трансфер вреден 30 милиони евра.
„Фармацевтите“ го разгледуваат предлогот, но постои голема доза на оптимизам дека ќе падне договор.
Виктор Бонифејс веќе дал зелено светло за преселба на Сан Сиро и начелно постигнал договор со Милан за висината на платата.
Милан се решил на еден ваков чекор откако запнале преговорите со Манчестер јунајтед за трансфер на Расмус Хојлунд поради инсистирањето на „ѓаволите“ да има обврска за перманентен трансфер а не само обична опција.