Македонија Ѓорче Петров се врати во Првата македонска фудбалска лига, откако минатата сезона беше второлигашки шампион.
На стартот на новата сезона „лавовите“ ги очекува дуел со Струга на гостински терен. Во пресрет на натпреварот своите очекувања ги сподели поранешниот младински репрезентативец Мартин Талаков.
„Со нетрпение го очекуваме стартот на новиот шампионат. И јас и целиот тим на Македонија ЃП. Мислам дека имаме доста квалитет, од аспект на засилувања, а и оние кои се староседелци во тимот што се вели. Тимскиот дух ни е на високо ниво, подготвени сме максимално, да дадеме се од себе како на овој воведен дуел против Струга ТЛ, така и на секој нареден кој што следува. Убеден сум дека имаме квалитет да се носиме со секого во шампионатот. Се е во наши раце. Ако одиграме како што знаеме и можеме секако ќе бидеме на добар пат. Мотивирани сме и гладни за успех. Што се однесува конкретно до дуелот во Струга, нормално дека нема да биде лесно, напротив. Сепак, планираме од ова гостување да се вратиме со бодови и на позитивен начин да го стартуваме шампионатот“, изјави Талаков.
„Лавовите“ со изменет тим и доста новајлии ќе влезат во новата натпреварувачка сезона во која со сигурност главна цел ќе биде опстанокот.