Анте Ребиќ е нов фудбалер на Хајдук и конечно ќе го носи дресот на клубот од родниот град. Искусниот напаѓач потпиша договор до летото 2026 година и ќе ја предводи офанзивата на тимот од Сплит како новата „деветка“.
Иако е роден во Сплит, Ребиќ никогаш досега не играл за Хајдук. Својата кариера ја започна во младинските категории на клубот Сплит, каде го одигра и почетокот на професионалниот фудбалски пат. Во Хајдук ќе заработува 450.000 евра годишно, а договорот предвидува можност за зголемување на сумата преку бонуси.
Триесет и едно годишниот фудбалер ќе има клучна улога во обидот на клубот да се избори за пласман во Европа, а првиот голем предизвик е пресметката со Динамо Тирана во третото квалификациско коло за Конференциската лига.
Во својата кариера Ребиќ има настапувано за неколку европски клубови, а најголем впечаток остави во дресот на Ајнтрахт Франкфурт, од каде се пресели во Милан, каде што мина три сезони.