Еден од најзаслужните луѓе за доминацијата на Манчестер Сити во последната деценија, Чики Бегиристаин, официјално го напушти клубот по цели 13 години работа како директор на фудбалот.
Бегиристаин пристигна на „Етихад“ во 2012 година и од тогаш до денес клубот освои дури 21 голем трофеј, меѓу кои седум титули во Премиер лигата, два ФА Купа, една Лига на шампиони, еден Суперкуп на УЕФА и една титула светски клупски шампион.
Како благодарност за сè што направи, Манчестер Сити ќе му посвети специјален документарен филм кој ќе биде достапен во септември за претплатниците на „CITY+“ платформата.
Неговото место ќе го преземе Уго Вијана, поранешен португалски репрезентативец и играч на Спортинг, Њукасл, Валенсија и Брага, кој последните три години од кариерата ги мина во Обединетите Арапски Емирати.