Легендарниот велшки фудбалер Џои Џонс почина на 70-годишна возраст по подолга борба со болест.
Џонс остави голема трага во дресот на репрезентацијата на Велс со 72 настапи, а особено ќе остане запаметен по блескавата етапа во Ливерпул. Со „црвените“ за три години освои се што можеше, титула во англиската лига, два трофеи од Купот на шампионите, Куп на УЕФА и европски Суперкуп.
Во 1977 година во Рим, кога Ливерпул ја победи Борусија Менхенгладбах, Џонс стана првиот Велшанец кој го кренал пехарот од Купот на шампионите.
Покрај за Ливерпул, играше и во три различни периоди за Врексам, со кој го освои Велшкиот куп, а со Челси во 1984 година обезбеди промоција во најсилната англиска лига. Кариерата ја заврши во 1992 година на 37-годишна возраст.