Тренерот на Ливерпул, Арне Слот прв пат јавно проговори за трагичната смрт на Диого Жота, вели дека мала утеха му е тоа што фудбалерот во последниот месец од неговиот живот бил шампион во се.
„Црвените“ денеска ќе тестираат против Престон на стартот од подготовките, натпреварот ќе биде посебен поради тоа што ќе биде прв по трагичната смрт на Диого Жота, кој го загуби животот во страшна сообраќајна несреќа.
Арне Слот вели дека тешко е да се мисли на нешто друго во овие моменти, и открива дека го користи ведриот дух на Диого Жота за да им даде совет на фудбалерите.
„Во моментов ништо не изгледа важно кога ќе помислиме на тоа што се случи. Нo ние сме фудбалски клуб и мораме повторно да тренираме и да играме – сакаме или не“ – вели тренерот на Ливерпул.
„Многу е тешко да се најдат вистински зборови, постојано се прашуваме што е соодветно. Дали нашите постапки се соодветни? Дали тоа што го кажуваме е соодветно? Дали може повторно да тренираме? Дали може повторно да се смееме? Дали може да се налутиме на погрешна судиска одлука?“
„Им реков, „Можеби е најдобро да се однесуваме како што би се однесувал Жота“. А под тоа мислам дека Жота секогаш беше свој. Без разлика дали зборуваше со мене, со соиграчите или со персоналот, тој секогаш беше свој“.
„Па ајде и ние да бидеме такви. Ако сакаме да се смееме, ќе се смееме. Ако сакаме да плачеме, ќе плачеме. Ако сакаат да тренираат, нека тренираат. Ако не сакаат, не мораат да тренираат“.
„Сите нека бидат свои, не мора да бидат поинакви од тоа што им го кажуваат емоциите“.
Тој потоа додаде: „Мислам дека утеха ми дава тоа што во последниот месец од неговиот живот, Жота беше шампион во се. Шампион за своето семејство. Шампион за својата земја, бидејќи ја освои Лигата на нации. И секако, шампион за Ливерпул – ја освои Премиерлигата“.
