Медиумите од Шпанија пренесуваат дека и Луис Диаз поставил услови за трансфер на Камп Ноу, напаѓачот не бара да му биде раскинат договорот доколку не биде регистриран, но инсистира на соодветна финансиска компензација.
Минатата недела, обидите на Барселона за ангажман на Нико Вилијамс спектакуларно пропаднаа и Шпанецот стави потпис на нов десетгодишен договор со Атлетик Билбао.
Преговорите запнаа на крајот, кога фудбалерот и неговиот агент побараа силни гаранции дека ќе биде вметнат во тимот за почетокот на новата сезона, односно клаузула со која ќе добие одврзани раце да замине доколку не биде регистриран на време.
„Каталонците“ не сакаа да му ја исполнат оваа желба, па Нико Вилијамс втора година по ред и удри „корпа“ на Барселона.
Луис Диаз од Ливерпул сега се посочува како планот Б, но и тој ја условува преселбата на Камп Ноу.
За разлика од Нико Вилијамс, неговите барања се поблаги, тој не бара да му биде раскинат договорот, едноставно да добие соодветна финансиска компензација.
Во меѓувреме, новинарот Меана објави дека Луис Диаз и Ливерпул имаат џентлменски договор според кој Колумбиецот ќе може да замине доколку пристигне понуда вредна околу 80 милиони евра.
Во Барселона се свесни за ова, но сакаат да се исценкаат за попуст и да платат помалку за ангажман на напаѓачот.
ФОТО: X/Liverpool FC