Интер со многу мака ја запиша првата победа под водство на Кристијан Киву – „нераѕурите“ го совладаа Урава Ред Дајмондс со 2-1 во второто коло од Светското клупско првенство.
Јапонскиот тим поведе уште во 11. минута од првата шанса на мечот. Канеко одлично нафрли од десната страна, а Риома Ватанабе остана непокриен и ја затресе мрежата на Интер за изненадувачки 1-0.
По примениот гол, Интер ја презеде иницијативата и почна да ја диктира играта. Лаутаро ја погоди пречката, а до крајот на првото полувреме резултатот остана непроменет. Во вториот дел шанси имаа Аслани, Димарко и Михтарјан, но недостасуваше реализација.
Интер постојано напаѓаше, а упорноста конечно се исплатеше во финишот. Капитенот Лаутаро Мартинез израмни со фантастичен удар во пад по корнерот на Барела.
Кога се чинеше дека дуелот ќе заврши без победник, на сцена стапи Валентин Карбони. Младото крило во 93. минута успеа да го најде патот до мрежата со само вториот удар на Интер во рамките на голот и донесе голема победа за „нераѕурите“.