Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, воведе нова хиерархија за изведување пенали. „Кралевите“ добија пенал во финишот на мечот од Светското клупско првенство против Ал-Хилал, навивачите очекуваа Лука Модриќ да биде изведувач и се разочараа.
Во 92. минута, при отсуство на првиот и вториот пеналџија Мбапе и Белингем шансата ја доби Федерико Валверде, кој е трет на листата според новото правило на Алонсо. Публиката на „Хард Рок Стадион“ во Мајами едногласно бараше тоа да биде Модриќ, кој влезе во 84. минута и беше дочекан со овации, но Уругваецот застана на белата точка и промаши. Голманот на Ал-Хилал, Боно, го прочита ударот и спречи Реал да дојде до 12. победа во низа на Светското клупско првенство.
За потсетување, во времето на Анчелоти немаше вакви строго дефинирани редоследи – играчите сами одлучуваа на теренот кој ќе шутира. Сега, и покрај емоцијата и шансата Модриќ да блесне во веројатно последниот негов настап на мундијалот за клубови, одлуката на Алонсо беше јасна – и ладна.