Претстојниов
викенд се играат натпреварите од 14 коло во англиската Премиерлига, а сигурно
дека натпреварувачите на Фантази се среќни што ќе проследат „маратонски“
возбудувања во најсилниот фудбалски шампионат во светот.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Синоќа заврши 13
рунда натпревари, а како што е традиција, во анализата најпрво ќе се осврнеме
на случувањата токму од тоа коло, па ќе наведеме дека претходната анализа која
ја пласиравме од селекцијата на фудбалерите освоивме скромни 40 бода во коло
каде просекот на освоени бода изнесуваше 42.
Претходната
анализа: Де Брујне и Фернандеш не ставаат во тесно во одлуката за капитен
Велат, така е
кога ќе се направи промашување во однос на капитенот, а кога би сумирале дека
двоецот кој беше најмногу селектиран од натпреварувачите, Де Брујне (4) и
Фернандеш (2) потфрлија, тогаш исходот е повеќе од јасен.
Како и да е, тука
беше неверојатниот Мартинез кој со четирите интервенции на голот на Астон Вила
и ремито без голови кај Барнли запиша вкупно осум бода, од кои два беа бонус
заради одличните перформанси.
Од останатиот
избор, го бележиме и Лампти кој запиша бодови од клин шит од гостувањето на
Брајтон кај Фулам кое заврши без голови, меѓутоа потфрлија Ван-Бисака кој освои
само бод од гостувањето кај Шефилд Јунајтед (2-3), односно Џастин кој беше
индиспониран против Евертон во домашниот пораз (0-2).
Понатаму, Де
Брујне, кого го наведовме за капитен, за среќа поради перформансите на теренот
освои два бода бонус, но разочарувањето е големо од Фернандеш кој беше
доминантен кај натпреварувачите за капитен, а освои само два бода против Шефилд
Јунајтед, иако Манчестер јунајтед постигна три гола, Грилиш се мачеше во ремито
без голови против Барнли, освојувајќи три бода благодарение на клин-шит, а Соучек
и Езе беа скромни откако две кола по ред изненадија, овој пат освоија по
минимални два бода во меѓусебниот дуел на Вест Хем и Кристал Палас.
Лестер се мачеше
во голема мера на домашен терен против Евертон, а топката ретко доаѓаше до
Варди кој освои само два бода, што се однесува пак до Вилсон, напаѓачот на
Њукасл и покрај поразот од 5-2 кај Лидс, повторно докажа дека умее да направи
разлика во однос на напаѓачите, со што реализираше асистенција и на крајот
запиша пет бода.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Пред да се
префрлиме на селектирањето фудбалери, стандардно ќе направиме еден краток
преглед на актуелната ситуација во поглед на трансферите.
Нето од
Вулверхемптон со своите импресивни изданија примами голем број натпреварувачи
да го купат во пресрет на 14 коло, а по него следи Салах од Ливерпул без кого е
навистина тешко сезонава, бидејќи Египјанецот игра во одлична форма, а
водечката тројка ја комплетира Сон од Тотнем кој игра во животна форма.
На оваа листа се
најдоа уште Бамфорд од Лидс, како и Вестергард од Саутемптон.

Што се однесува
пак до најпродаваните фудбалери, прв во оваа конкуренција е повредениот Жота од
Ливерпул, а следи суспендираниот Габриел од Арсенал, па Вернер од Челси кој
полека но сигурно ја губи довербата кај натпреварувачите.
Во оваа
конкуренција се најдоа уште Марез од Манчестер Сити, како и Родригез од
Евертон.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Со само 1.8% од
неколкуте милиони натпреварувачи зад своето име, голманот на ВБА, Сем Џонстон
(4.5) може да направи сериозна разлика ова коло, секако, во случај Астон Вила
по ремито без голови на свој терен против Барнли повторно да не успее да ја
погоди мрежата. Фактот што Грилиш е селектиран во над 40% од екипите на
Фантази, а дополнително и тоа што ВБА со новиот тренер Сем Алардајс ќе донесе посебна
мотивација кај фудбалерите на оваа екипа, нам ни дава право да се надеваме на
Џонстон кој би можел да направи сериозна разлика ова коло. Голманот на ВБА е
инаку најдобар поентер во својот тим генерално гледано, а неговите четири
освоени бода на гостувањето кај Манчестер Сити (1-1) со шест интервенции
говорат многу во пресрет на дуелот со Астон Вила на домашен терен.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Доколку го
проследите распоредот и ќе се обидете да пронајдете уште еден фудбалер во
обидите да направите разлика, веројатно е дека нема да погрешите со Мејсон
Холгејт (4.8) откако дефанзивецот на Евертон се врати на еден прекрасен начин
по повредата. Холгејт во 12 коло запиша клин шит во победата против Челси и
одигра навистина одлично, за потоа на гостувањето кај Лестер освен што запиша
бодови од клин-шит, успеа и да постигне гол за неверојатни 14 бода од
гостувањето кај „Лисиците“. Нема да го потцениме Арсенал и неговото гостување
на „Гудисон Парк“, но делува дека Холгејт може да биде пријатно изненадување
ова коло, а инаку, потоа му следи гостување кај Шефилд Јунајтед, па ќе сумираме
дека е повеќе од солиден избор за две кола во низа. За Холгејт ќе завршиме со
тоа дека беше прогласен за играч на 13 коло во однос на бодирањето на Фантази.
Џамал Луис (4.3)
е пред суспензија од еден меч поради тоа што му недостасува само уште еден жолт
картон за да дојде до бројката од пет, меѓутоа не можете а да не го забележите
за ова коло, прво поради неговата и повеќе од скромна цена, второ и поради
фактот што на домашен терен пред себе ќе ги има противниците од Фулам.
Тарик Лампти (4.8)
се врати по еден меч пауза, баш онака како што и Грем Потер најави, откако
предводникот на Брајтон обелодени дека отсуството на бекот кој во реалноста
игра на десната крилна позиција за гостувањето кај Лидс е само поради ситна
повреда. Лампти освои бодови од клин-шит на ремито без голови кај Фулам, а нам
особено не радува фактот што Потер го повлече од игра во 77 минута, без да
ризикува со еден од своите најдобри фудбалери во тимот кој викендов пред себе
за противник ќе го има Шефилд Јунајтед.
Влегуваме во еден
навистина тежок период во однос на сигурноста кај фудбалерите кои често ќе
бидат изложени на ротација за да одморат, бидејќи распоредот кај Англичаните е
навистина тежок, па ќе советуваме да бидете штедливи во дефанзивната линија,
каде би го препорачале и Чарли Тејлор (4.4) од Барнли, кој веќе запиша два
клин-шита во низа, кај Арсенал и Астон Вила, а зошто да не го повтори тој
учинок и на домашен терен против Вулверхемптон.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Ова коло
препорачуваме формациска поставеност од 4-4-2, па така во средниот ред ќе го
наведеме најдобриот избор, а ќе започнеме со Мохамед Салах (12.4), првата
ѕвезда на Ливерпул кој има низа од три гола во исто толку натпревари, а ова
коло Египјанецот со својот тим гостува кај незгодниот Кристал Палас.
Бруно Фернандеш (11)
не одигра според очекувањата на мнозинството натпреварувачи кои му ја доверија
капитентската лента за гостувањето кај Шефилд Јунајтед, иако Манчестер јунајтед
славеше и постигна три гола, а шанса за „поправен“, Португалецот ќе има на
домашен терен против Лидс на нашиот Езгјан Алиоски, тој веројатно е дека
повторно ќе биде еден од најселектираните капитени и ова коло.
Сон (9.6) игра во
животна форма, дали е дерби, или противник по мерка за Тотнем, Кореецот
едноставно не запира, не е никакво изненадување што е на врвот на листата поентери
во однос на фудбалерите од среден ред, па така ќе му укажеме доверба за мечот
на домашен терен против Лестер.
Манчестер Сити
одигра меч кој многумина натпреварувачи на Фантази ќе го паметат по лошо,
бидејќи „Граѓаните“ беа шокирани на свој терен од ВБА откако аутсајдерот се
избори за реми и резултат 1-1, а сигурно дека Гвардиола ќе прави сериозни
промени за гостувањето кај Саутемптон. Колку и да е неизвесно околу тоа дали
Кевин Де Брујне (11.9) ќе биде одморен за тоа тешко гостување кај незгодниот
противник, едноставно факт е дека многу работи на теренот во играта на
Манчестер Сити зависат најмногу од Белгиецот, кој не запиша ниту гол, ниту
асистенција против ВБА, а освои два бода бонус поради својот допринос на
теренот, ситуација која доволно говори за неговото влијание.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Доколку Калум
Вилсон (6.6) би сакал да се врати на листата на стрелците по два меча пауза во
тие обиди, тоа напаѓачот на Њукасл ќе може да го стори против Фулам, а
несомнено е дека ќе биде еден од фудбалерите од кого најмногу се очекува ова
коло. Вилсон се пронајде себе си во редовите на Њукасл сезонава каде на 11 меча
успеа да постигне седум погодоци, но и дополнително четири асистенции.
Дани Велбек (5.5)
ги одигра сите 90 минути од гостувањето на Брајтон кај Фулам кое заврши без
голови, а напаѓачот веќе стана прв избор на Грем Потер за таа позиција, а со
само 1.3% натпреварувачи на Фантази зад своето име, Велбек би можел да направи
и повеќе од солидна разлика во однос на конкуренцијата.
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Предлог-состав:
Џонстон (4.5); Холгејт (4.8), Луис (4.3), Лампти (4.8), Тејлор (4.4); Салах (12.4), Фернандеш (11), Сон (9.6),
Де Брујне (11.9); Вилсон (6.6),
Велбек (5.5)
Капитен: Салах
Заменик-капитен: Фернандеш
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad
Во крајниот дел
од анализата ќе се осврнеме и на актуелната ситуација на табелите во
генералниот пласман на Македонија, како и „24фудбал“.
Во лигата каде се
натпреваруваат сите натпреварувачи од нашата земја, лидер е Мики Попоски со
досега освоени 896 бода, имате можност да се запознаете со неговиот избор од
претходното коло.


Што се однесува
пак до табелата на „24фудбал“, таму лидер е Александар Димовски со досега
освоени 876 бода, имате можност да го проследите и неговиот избор од
претходното коло.


Среќно до сите
натпреварувачи во новото коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“,
кодот е следен: unckad