ФФМ одговори на реакцијата на Вардар: Имаме еднаков однос кон сите клубови

by Стефан
2 минути читање

По вчерашната реакција на ФК Вардар во врска со продажбата на билети за натпреварот од баражот за влез во првата лига денеска со соопштение излезе Фудбалската Федерација на Македонија.

Од ФФМ објаснуваат дека пред одлуките било разговарано со двете страни. Соопштението во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Фудбалската федерација на Македонија како организатор на бараж натпреварот ВАРДАР – ДЕТОНИТ Плачковица за пополнување на Прва МФЛ праќа информација во врска со организацијата, продажбата и распределбата на билети за натпреварот закажан на 26. мај на стадионот “Благој Истатов” во Струмица. 

– На состанокот во “Куќа на фудбалот” беше прифатен предлогот на ФК Вардар, Струмица и стадионот “Благој Истатов” да биде домаќин на натпреварот. 

– ФФМ даде предлог и истиот беше прифатен од претставниците на клубовите (Влатко Колев – ФК Вардар и Игор Чапев – ФК Детонит Плачковица), двата клубови да добијат по 50 гратис билети за натпреварот. 

– Клубовите беа согласни со одлуката билетите да бидат пуштени во продажба по цена од 150 денари преку продажната мрежа на MK Tickets. 

– На состанокот, исто така, беше прифатен предлогот, јужната трибина на стадионот “Благој Истатов” целосно да се стави на располагање на навивачите на ФК Вардар, а доколку е потребно, да се обезбедат услови за отворање и на трибина зад головите. 

Фудбалската федерација на Македонија е организатор на натпреварот и има еднаков однос и третман кон сите клубови – учесници во натпреварувањето. Нашата, а веруваме и целта на сите клубови е преку фер и спортска игра да ги достигнеме целите за кои се бориме. Фер и спортски. 

Посакуваме добар натпревар во вистинска фудбалска атмосфера. Нека се радува подобриот“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани