Легендарниот голман на Стеауа Букурешт, Хелмут Дукадам почина на 65-годишна возраст.
Веста за неговата смрт ја објави неговиот поранешен соиграч Марсел Пушкаш на социјалните мрежи, а набрзо беше потврдена и од други извори.
Дукадам ќе остане запаметен по неверојатниот натпревар во финалето на Купот на европските шампиони (денешна Лига на шампиони) во 1986 година кога против Барселона во пенал рулетот успеа да одбрани дури четири пенали. Со таквиот неверојатен настап на Стеуа и ја донесе и европската титула која е единствена за овој клуб.
„Еден мој добар пријател нас не напушти. Беше многу талентиран и успеа да стане единствен Романец во Гинисовата книга на рекорди. Хелмут Дукадам почина на 65-годишна возраст. Почивај во мир“, објави Марсел Пушкаш.
Дукадам за Стеуа настапуваше од 1982 до 1986 година, а по освојувањето на европската круна неговата кариера тргна во надолна линија, па брзо се повлече.