По испаѓањето во Серија Б во Сасуоло започнаа да работат на кадровските промени и за почеток е именуван нов тренер.
На местото на Давид Балардини доаѓа 46-годишниот Фабио Гросо кој од наредната сезона ќе го води тимот на Сасуоло и ќе се обиде експресно да го врати во елитното друштво.
Тренерската кариера Гросо ја започна во младинските категории каде што беше и играч, а првата самостојна работа ја имаше во Бари во сезоната 2017/2018.
Потоа следуваа ангажмани во Верона, Бреша, Сион и Фросиноне, а во првиот дел од минатата сезона го водеше тимот на Лион каде што беше сменет по само седум натпревари. Во тој краток период во Лион доживеа и непријатност пред француското дерби со Марсеј кога од страна на противничките навивачи при нападот на автобусот за малку ќе останеше и без око.