Време е за финале, Реал Мадрид и Борусија Дортмунд имаат битка на Вембли за големиот пехар!

by riste
4 минути читање

Завесата на клупската фудбалска сезона се спушта вечерва кога во Лондон на Вембли од 21 часот финалето во Лигата на шампионите ќе го почнат Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.

Кралскиот клуб е фаворитот во оваа пресметка, но историјата на финалињата вели дека не секогаш победува тој на кој му се даваат поголеми шанси, свои математики има и Борусија Дортмунд која е најпријатното изненадување оваа сезона во Лигата на шампионите.

Реал Мадрид е апсолутен владетел во Европа кога се трофеите во прашање. За Кралевите ова ќе биде 18. финале, досега загубиле само трипати, имаат освоено 14. трофеи, сакаат по 15. пат да седнат на тронот.

За Борусија Дортмунд ова ќе биде трето финале во Лигата на шампионите, успехот им е половичен, еднаш освоија, еднаш загубија.

Во последните десет меѓусебни дуели од Лигата на шампионите, Реал Мадрид има четири победи, три има Борусија Дортмунд, три дуели завршиле нерешено.

Анчелоти на овој дуел нема да може да смета на Чуамени кој има повреда на стапалото, голманот Лунин е болен, па Тибо Куртоа ќе го стартува мечот. Терзиќ нема некои значајни проблеми со повредени играчи.

Ова ќе биде емотивно финале за неколку играчи, Тони Крос ќе го одигра последниот меч во дресот на Реал Мадрид и воопшто во клупскиот фудбал, по крајот на Европското првенство ќе се пензионира. Последен меч во дресот на Дортмунд ќе биде за легендите на клубот, Марко Ројс и Матс Хумелс кој во наредната сезона ќе имаат нови клубови.

Посебен натпревар ќе биде и за Белингем кој до минатата сезона настапуваше за Борусија Дортмунд, а сега ќе се бори против нив во дресот на Реал Мадрид.

Анчелоти вели дека пожртвуаноста на теренот ќе биде клучна за трофејот, тој им дал јасни тактички инструкции на фудбалерите кои се максимално фокусирани за вечерашниот меч.

„Тимот е фокусиран, ја имаме неопходната самодоверба да го покажеме најдоброто од нас. Ова е најважниот меч во сезоната и ќе покажеме максимална почит за нашиот противник. Мојата идеја за тактиката е супер јасна. Колку им е појасно на фудбалерите, толку тие се посреќни и играат подобро. Ќе има емоции, но емоциите можат да донесат страв и блокада на самодовербата која ни е потребна. Квалитетот е една работа и моите фудбалери се фантастични во поглед на тоа. Но друга работа е колективното однесување, работата и пожртвуваноста еден за друг. Тоа е клучот, талентот и пожртвуваноста. Не сме опседнати со овој трофеј. Тој е наша мисија, ние сме опседнати со натпреварување. Јасно е дека освојувањето на Лигата на шампионите е многу важна, но мислам дека нашата сезона е веќе успешна“, изјави Анчелоти пред натпреварот.

Терзиќ вели дека Борусија Дортмунд сега е во многу подобра форма отколку на почетокот од сезоната и тоа е многу значајно во пресрет на финалето.

„Финалињата не се играат, финалињата се победуваат и тоа е нашата јасна цел. Среќни сме што сме тука, но треба да победиме на Вембли против Реал Мадрид и да го кренем трофејот со нашите раце. Ние сме тим со најмногу мечеви без примен гол оваа сезона во Лигата на шампионите. Треба да го држиме противникот што подалеку од нашиот гол. Не бевме на највисоко ниво во септември кога примавме голови, но сега сме комплетно различен тим и веќе покажавме дека можеме да се бориме за трофејот. Знаеме дека Реал е далеку најуспешен тим во ова натпреварување. Кога се игра еден натпревар сѐ е можно, ние не бевме фаворити ниту против Атлетико ни против ПСЖ. Ако сме храбри и не сме дојдени само да гледаме како Мадрид освојува уште еден трофеј, тогаш ќе имаме шанса“, вели Терзиќ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани