Анчелоти откри кој ќе брани утре и порача: Го почитуваме Баерн, но Реал има голема историја и традиција – одиме на победа!

by Стефан
2 минути читање

Реал Мадрид е максимално подготвен и го исчекува реванш натпреварот против Баерн Минхен во Лигата на шампионите. Првиот натпревар во Минхен заврши без победник (2:2), па така ниту една од двете екипи нема предност.

Анчелоти за утрешниот натпревар ќе го има на располагање скоро целиот состав со исклучок на Австриецот Давид Алаба кој е повреден подолго време.

Во изминатите денови во шпанската јаввност преовладуваше дилемата кој ќе застане на голот откако Тибо Куртоа се врати од повредата. Италијанецот доби такво прашање и на денешната прес-конференција и даде јасен одговор.

„Лунин ќе биде утре на голот. Куртоа бранеше добро, меѓутоа по толкава пауза потребно му е време за да се врати во топ форма. Одлуката околу тоа прашање веќе е донесена“, одговори Анчелоти.

Ќе потсетиме, Куртоа беше на голот во натпреварот за викендот против Кадиз, меѓутоа утре натпреварот ќе го следи од клупата, но треба да се каже и дека Лунин одлично бранеше во отсуство на Белгиецот, па веројатно и повеќе заслужува да биде на голот во овој момент.

Зборуваше Анчелоти и за ситуацијата во која се наоѓа клубот и од која тој е многу задоволен.

„Возбудени сме и мотивирани да излеземе на теренот во утрешниот реванш. Секако дека ќе дадеме се од себе за да се пласираме во финалето. Го почитуваме Баерн, тие се клуб со голема историја и традиција.

Очекуваме уште една еуфорична ноќ на „Бернабеу“. Верувам секогаш затоа што ние сме Реал Мадрид, го имаме најдобриот состав на располагање и утре е момент да сме фокусирани“, порача Анчелоти.

На програмата пред утрешниот реванш помеѓу Реал Мадрид и Баерн денеска е дуелот помеѓу Пари Сен Жермен и Борусија Дортмунд, тука во првиот меч славеа „милионерите“ со 1:0.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани