Дарвин Нуњез до крајот на сезоната веројатно на ниту еден натпревар нема да биде стартер со цел да се избегне активирање на клаузула и исплата од 5 милиони евра на сметката на Бенфика.
Дарвин Нуњез е едно од најскапите засилување во историјата на Ливерпул, можеби и најскапото откако во 2022 се пресели на Енфилд во зделка вредна 64 милиони фунти (околу 75 милиони евра) плус додатни 21 милион фунти (околу 25 милиони евра во бонуси).
Но Уругваецот не ги исполни очекувањата, се мачи со формата, често има големи промашувања пред противничкиот гол и постојано кружат гласини дека тој е на излезна врата од Ливерпул.
Но лошите партии очигледно не се единствената причина зошто Арне Слот не му укажува шанса, како што пренесува А Бола, во игра е и бонус од 5 милиони евра.
Имено, во договорот помеѓу Бенфика и Ливерпул има неколку клаузули и „црвените“ веќе исплатиле 5 милиони евра кога напаѓачот бил стартер на 10 натпревари во Премиерлигата или Лигата на шампионите, како и 5 додатни милиони евра кога Дарвин Нуњез бил стартер на 35 натпревари во Премиерлигата или Лигата на шампиони.
Следната исплата од 5 милиони евра е кога Дарвин Нуњез ќе биде стартер на 60 натпревари во Премиерлигата и Лигата на шампиони, а во моментов напаѓачот има 59. Па во ситуација кога Ливерпул практично ја има осигурено титулата во Премиерлигата и нема за што друго да се бори, тешко е за верување дека Дарвин Нуњез на преостанатите пет натпревари ќе биде стартер зошто тоа ќе ги чини „црвените“ додатни 5 милиони евра.