Екипата на Вардар ќе игра против Струга во мечот за трофејот во Купот на Македонија.
Пред натпреварот заедно со тренерот Гоце Седлоски, зборуваше и искусниот Горан Закариќ. Еден од најдобрите играчи на Вардар изрази чест и задоволство, но и оптимизам.
„Чест и задоволство ми е што сум тука како капитен на Вардар. Би се сложил со тренерот Седлоски, 18 години минаа и имаме голема шанса да го вратиме трофејот во витрините на клубот. Мислам дека со помош на нашите навивачи ќе се избориме за таков успех. Се надевам дека ќе уживаме во овој натпревар, имаме доста одиграни средби со Струга. Ќе се подготвиме максимално и се надевам ќе се радуваме сите заедно по натпреварот. Тука сум од првиот ден на сезоната, имавме тежок период и секако дека имаше доста промени. Одработивме врвни припреми во јануари, а оваа низа без пораз заслужува респект, особено кон луѓето кои дојдоа подоцна и ги сменија работите. Покажавме пролетва кои сме и што сме, па мислам дека и утре ќе дадеме свој максимум за да стигнеме до успех“, изјави Закариќ.
Куп-финалето меѓу Вардар и Струга се игра в среда со почеток во 20:00 часот. ФФМ одреди симболични цени на билетите од 50 и 100 денари.