Кратовски Силекс го официјализираше своето второ засилување пред летото во кое тимот го очекува настап во квалификациите за Конференциската лига.
По ангажманот на Португалецот Мигел Пиреш, во Кратово слета и искусното босанско крило Миљан Говедарица. Тој пристигнува од Славија Сараево, каде што беше капитен и водечки стрелец со 19 голови на 29 натпревари во Првата лига на Федерација БиХ, второто по ранг натпреварување во земјата. Таквиот учинок го направи втор стрелец на лигата.
Говедарица, кој има 31 година, зад себе има респектабилна кариера главно изградена во босанскиот фудбал. Од матичната Славија, замина во српскиот Доњи Срем, а потоа ги бранеше боите на Слобода Тузла, Олимпик, Звијезда 09, Зрињски Мостар и Леотар. Настапуваше уште и за Кривбас од Украина и швајцарскиот Нешател.