Во среда од 21:00 часот, во Билбао, не очекува едно од најчудните финалиња во историјата на европските натпреварувања. Манчестер Јунајтед и Тотнем, два клуба во целосен хаос и слободен пад, ќе се борат за титулата во Лига Европа – но уште поважно, за спас на сезоната и билет назад во Лигата на шампионите.
Никогаш досега, две вакви „растурени“ екипи не стигнале до финале на европско натпреварување. Јунајтед моментално е 16-ти во Премиер лига, Тотнем 17-ти – со вкупно 39 порази во првенството. Со бодовите што ги имаат сезонава, во некои претходни сезони лесно ќе испаднеа од лига. Од 2 февруари па наваму, единствените победи им се против тимови што веќе испаднаа – или едни против други.
Која екипа и да го освои трофејот во Лигата на Европа ќе биде најслаборангирана со европски успех. Досега „најслаб“ освојувач на УЕФА натпреварување е Вест Хем кој во 2023 година ја освои Конференциската лига на УЕФА, а во Премиер лигата беше на 14. позиција. Претходно „рекордот“ го држеше Севиља која истата година ја освои Лигата на Европа како 12. пласирана во Ла Лига.
Фото: UEFA