Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Џони Еванс, денеска официјално ја заврши играчката кариера, но останува дел од „Олд Трафорд“. Искусниот дефанзивец најави дека ќе продолжи со работа во клубот, каде ќе има задача да ги надгледува позајмените фудбалери и нивниот развој.
Еванс е дете на клупската академија, а дресот на Манчестер јунајтед го носеше во два raзлични периоди во кои собра вкупно 241 натпревар. Со „црвените ѓаволи“ освои три титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, ФА Купот, два Лига Купа и едно Светско клупско првенство.
„Сакам официјално да објавам крај на мојата играчка кариера – не со тага, туку со гордост, благодарност и возбуденост за тоа што следува“, изјави 37-годишниот Еванс за клупскиот сајт.
По истекот на договорот со Манчестер јунајтед на крајот од сезоната, тој стана слободен агент. Во својата богата кариера настапуваше и за Вест Бромвич Албион и Лестер, како и на позајмици во Сандерленд и Антверпен.
За репрезентацијата на Северна Ирска одигра 107 натпревари и постигна шест голови, во периодот од 2006 до 2024 година.
Во моментов, Еванс е вклучен во школата за тренери и своето ново фудбалско поглавје го започнува од административниот и развоен дел на клубот.
After 2️⃣4️⃣1️⃣ games, a new chapter at United begins for Jonny Evans ❤️ pic.twitter.com/FeREmW1dK5
— Manchester United (@ManUtd) June 30, 2025