Денешниот меч против Беласица, Вардар го играше на стадионот на тренинг кампот „Петар Милошевски“, црвено-црните дојдоа до третата победа а на Беласица и го нанесоа седмиот пораз оваа сезона.
Вардар поведе преку Мирчевски уште во шестата минута, а десет минути подоцна Петровиќ зголеми на 2-0. Да Силва ја врати Беласица во игра во 56. минута, но Петковски во 73. стави крај на сите дилеми околу победникот поставувајќи ги конечните 3-1.
Пелистер добро го почна мечот со Шкендија, поведе уште во петтата минута со гол на Танушев, тетовскиот тим изедначи во 23. минута преку Ахмеди. Во 69. минута Дориев донесе водство за Шкендија, а Ибраими на пет минути до крајот ги постави конечните 3-1.
Со 3-1 заврши уште еден меч, Македонија Ѓорче Петров победи на гостувањето кај Ренова. Петров во 11. Емини во 41. и Воша во 93. минута беа стрелци за скопскиот тим, Гавазај во 90. погоди за Ренова.
Струга Трим Лум со два гола на Лена го победи Шкупи со 2-0, Академија Пандев со гол на Маркоски на десетина минути до крајот го победи Силекс.
По седум одиграни кола Шкендија е осамена на врвот со 17 бодови, Шкупи и Македонија ЃП имаат по 13, Борец 12. На петтото место е Струга ТЛ со 11 бодови, а по десет бода имаат Силекс, Работнички и Вардар. Пелистер има бод помалку од црвено-црните, Академија Пандев е десетта со шест бода, Ренова има пет, а Беласица е последна без освоен бод.
Фото: ФК Вардар