Вардар го запиша првиот пораз во подготовките, „црвено-црните“ загубија со 2-0 од словенечкиот првак Олимпија Љубљана на пријателскиот натпревар одигран во Раденци. По победата над Будуќност, избраниците на Гоце Седлоски денеска имаа посериозен тест, а иако беа конкурентни во добар дел од мечот, противникот обезбеди победа во второто полувреме.
Во првите 45 минути немаше голови, двете екипи создадоа неколку шанси, но мрежите мируваа. Олимпија поведе во 65. минута преку Диего Пинто, а конечниот резултат го постави Алекс Стам во 79. минута. Вардар имаше свои можности, но не успеа да ги претвори во гол. Во вториот дел Седлоски направи повеќе измени, шанса добија речиси сите фудбалери, а тоа донесе пад во ритамот.
Новиот фудбалер на Олимпија, Димитар Митровски, не настапи против својот поранешен клуб – тој од утре ќе им се приклучи на Словенците.
Вардар следниот контролен натпревар ќе го одигра на 24 јуни против Марибор, а подготовките во Раденци ќе траат до 3 јули, по што тимот се враќа во Скопје и ќе ги фокусира сите сили кон дуелот со Фиорита од Сан Марино во Конференциската лига на 10 јули.