Вардар покажа зошто е шампион, ја тресна Шкендија за крај на ПМФЛ! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Новиот шампион Вардар со стил ја затвори сезоната во ПМФЛ откако на Арената „Тодор Проески“ убедливо ја совлада Шкендија со 3-0 во дербито на последното коло.

Иако натпреварот немаше резултатско значење, затоа што вардарци веќе ја обезбедија титулата, а Шкендија второто место, домашниот тим одигра одличен меч и заслужено стигна до триумфот.

Вардар поведе во 20. минута кога по контранапад и мешаница во одбраната Нуман Ајетовиќ си постигна автогол за 1-0. Домашните продолжија со добрата игра. Во 35. минута Горан Закариќ по одлична тимска акција и асистенција од Цветковиќ зголеми на 2-0.

Шкендија во второто полувреме се обиде да се врати во натпреварот и доби пенал по интервенција на ВАР, но Љатифи двапати не успеа да го совлада расположениот Талески. Голманот на Вардар најпрво одбрани, а потоа и при повторениот пенал повторно излезе како победник.

Казната за промашувањата стигна во самиот финиш кога Бобан Николов ги постави конечните 3-0, за Вардар со убедлива победа да стави печат на шампионската сезона пред настапите во квалификациите за Лигата на шампионите.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×