На отворањето на 29. коло од ПМФЛ, Вардар на свој терен ќе ја пречека Беса 1976, во дуел кој за двата тима носи голема тежина.
Во првиот дел од сезоната ова ќе беше класична борба за опстанок, но сега Вардар е во нешто поудобна позиција. „Црвено-црните“ се на седмото место со осум бода предност пред опасната зона, откако низ пролетта фатија солидна форма и изборија финале во Купот на Македонија.
Беса нема право на кикс. Тимот од Добридол е претпоследен со 24 бода, исто колку Брера Струмица, и е вклучен во жестоката борба за опстанок. Над нив е Тиквеш со 26 бода, а Пелистер (следен противник на Тиквеш) има 29. Секоја грешка може скапо да ги чини.
Вардар ќе ја има поддршката од „Комити“ и е фаворит на „Петар Милошевски“, каде ќе сака да ја продолжи серијата без пораз оваа пролет. Дуелот стартува во 16:00 часот.