Вардар веќе на големо да ја крои екипата за новата сезона и веќе ги направи првите два потези на трансфер пазарот. Скопскиот прволигаш се засилува со двајца интернационалци едниот добро познат на домашната сцена, а другиот со француски печат во кариерата.
Првото име е Ибрахим Олаосебикан, нигериски офанзивец кој пристигнува од редовите на Брера Струмица. Минатата сезона тој одигра 28 натпревари во Првата македонска фудбалска лига, постигна два гола и запиша четири асистенции. Се работи за играч што може да покрие повеќе позиции во офанзивниот дел од средниот ред.
Олаосебикан има искуство и надвор од Македонија претходно настапуваше во Литванија за Судува и Хегелман, а кариерата ја започна во нигериски Реал Сафир. Со неговиот ангажман, Вардар добива разновиден фудбалер кој може да внесе енергија и длабочина во последната третина од теренот.
Второто засилување доаѓа од Франција. Засега не се открива идентитетот на играчот, но се знае дека станува збор за фудбалер кој во минатото бил дел од Мец. Клубот најавува официјална промоција во деновите што следуваат, по што ќе се знаат и повеќе детали околу неговиот профил и улогата што ќе ја има во ростерот на црвено-црните.
Со овие потписи Вардар го затвори кругот на „странци“ во тимот. Поради новото правило за „отворен Балкан“ двајца странци ќе играат како домашни играчи и тоа Немања Босанчиќ и Горан Закариќ. Освен нив, странци во Вардар се Мислав Матиќ, Данел Донгмо, Роџерс Мато, Фаустин Сенгхор, Мануел Куестас, Диего Кастањеда, Ибрахим Олаосебикан и неименуваното засилување од Франција.