Иако на Олд Трафорд пристигна како големо засилување, Ван де Бек не ја добиваше шансата од Солшер да покаже што знае, најчесто беше на клупата за резерви и во игра влегуваше во финишот од мечевите.
Ван де Бек важеше за баран фудбалер на пазарот, долго време се поврзуваше и со Реал Мадрид, па тоа што Јунајтед успеа да го донесе се сметаше за победа на англискиот тим. Изненадување беше што тој не е почесто во игра.
Синоќа Ван де Бек по втор пат одигра цели 90 минути за Манчестер јунајтед и покажа дека треба да добива поголема шанса. Тој играше како повлечен фудбалер во средниот ред заедно со Фред.
„Беше навистина добро“, изјави Ван де Бек откако втор пат комплетираше 90 минути, првиот пат беше во Карабао купот против Брајтон во септември.
„Понекогаш играм како десетка, понекогаш на тренерот му требам на контролната позиција од средниот ред, и тоа е во ред за мене, понекогаш и во Ајакс играв на таа позиција, немам проблем со тоа“.
„Мислам дека ова беше добра победа, првото полувреме беше навистина добро, особено во првите 30 минути, игравме навистина убав фудбал, постигнавме убави голови“.
„Во вториот дел загубивме некои топки, му дадовме на противникот да креира шаснси, но во финишот го контролиравме мечот и дојде и четвртиот гол“.