Бразилскиот клуб Амазонас го привлече вниманието на јавноста поради начинот на кој се раздели со дефанзивецот Лео Коел.
Покрај официјалното соопштение за прекин на соработката, клубот на своите социјални мрежи објави и видео-компилација од четири грешки на 33-годишниот стопер од минатата сезона, по кои тимот примил голови.
Овој потег следуваше само два дена откако Коел покрена судска постапка против Амазонас, барајќи раскин на договорот и исплата на финансиските обврски што, според него, клубот не ги подмирил.
Според тужбата, поднесена на 10 јули, искусниот дефанзивец бара исплата на 8,1 милиони бразилски реали, односно нешто помалку од 1,4 милиони евра, како и официјален раскин на договорот.
Во документите се наведува дека клубот му должи пет месечни плати, а истовремено не ги уплаќал ниту законски предвидените придонеси во бразилскиот фонд за отпремнини.