Кевин Ламур, досегашниот оперативен директор на ФИФА, ја напушти функцијата во Цирих, само неколку недели откако јавно го критикуваше претседателот Џани Инфантино поради спорниот план за продажба на идните приходи од Светските првенства.
Ламур застана во одбрана на вработените во ФИФА, тврдејќи дека тие биле „доведени во заблуда“ поради нетранспарентниот начин на кој Инфантино го подготвувал планот за продажба на дел од идниот профит од Мундијалите на приватни инвестициски фондови.
Неговото заминување се случи во ист ден кога функцијата ја напушти и Карлос Кордеиро, еден од најблиските советници на Инфантино. Кордеиро, пак, планот на комерцијалната подружница на ФИФА, проценет на околу 20 милијарди долари, го оцени како лош договор за иднината на фудбалот.
Од ФИФА кусо потврдија дека работниот однос со Ламур е завршен.
„ФИФА му се заблагодарува на Кевин за неговата двегодишна работа и му посакува многу среќа во иднина. Нема да има дополнителни коментари за ова прашање“, соопшти светската фудбалска организација.
Случувањата доаѓаат во незгоден момент за Инфантино, кој се подготвува да побара нов мандат на чело на ФИФА. Притисокот врз него дополнително се зголеми по отвореното писмо на челниците на европската, азиската и северноамериканско-карипската конфедерација, кои неговиот план го оценија како сериозно нарушување на довербата.
Со заминувањето на Ламур, Инфантино губи еден од највисоките функционери во организацијата. Ламур беше трет по ранг во хиерархијата на ФИФА, веднаш зад претседателот Инфантино и генералниот секретар Матијас Графстром.