Денеска дефнитивно не е ден на ПСЖ, откако ракометарите беа потопени во Кјелце, голем неуспех доживеа и фудбалскиот клуб кој е поразен во финалето од Купот на Франција.
За сценариото да биде уште подраматично е фактот дека Тухел направи замена во 120 минута, го стави Нкунку и токму тој беше трагичарот на мечот откако промаши во пенал серијата.
А почетокот на натпреварот не наговестуваше ништо такво, по 21. минута ПСЖ водеше со 2-0 со голови на Дани Алвеш и Нејмар.
На пет минути пред крајот на првото полувреме, Кимпембе си постигна автогол, а во 66. минута Мексер изедначи на 2-2.
Тој резултат остана до 90. минута, па се премина кон две продолженија од по 15 минути.
Во 118. минута Мбапе доби црвен картон, па Тухел се одлучи да направи измена, во 121. минута во игра влезе Нкунку на местото од Диаби, тренерот на ПСЖ сакаше да има напаѓач како опција за пеналите.
Првите пет пенали ги погодија и Рен и ПСЖ. Рен го реализираше и шестиот пенал, а тогаш за ПСЖ шутираше Нкунку и тоа го направи почетники, шутираше високо над голот по што противникот можеше да почне да слави.
Ова е голем неуспех за ПСЖ ако се знае колку чини овој тим и какви ѕвезди има во него.