ФК Скопје ќе ја започне новата сезона во Првата македонска фудбалска лига со нов шеф на стручниот штаб, откако Александар Таневски официјално се раздели со клубот. Веста за заминувањето ја соопшти преку објава на својот профил на Фејсбук, каде што со емотивни зборови им се заблагодари на сите кои беа дел од успешната сезона.
Таневски зад себе остава одлична сезона во која го предводеше тимот до пласман во елитното друштво, а во пораката истакна дека разделбата не е поради недостаток на љубов кон клубот, туку затоа што смета дека е вистински момент приказната да добие свој крај.
„Некои одлуки во фудбалот се најтешки токму кога има почит и заеднички успех. Не си заминувам од ФК Скопје затоа што не го сакам клубот, играчите, навивачите и луѓето од населбата. Напротив – токму поради сè што поминавме заедно, оваа одлука ми е тешка. Заедно создадовме тим, атмосфера и успех на кој сите можеме да бидеме горди. Го вративме клубот таму каде што заслужува да биде – во Првата лига. Но понекогаш, колку и да сакаш нешто, мора да прифатиш дека некои приказни треба да завршат додека сè уште има достоинство, почит и убави спомени. Ви благодарам на играчите, стручниот штаб, навивачите и сите што беа дел од оваа сезона. ФК Скопје секогаш ќе има посебно место во моето срце“, објави Таневски.