Струга доби искусно засилување на левата страна од одбраната, откако договор потпиша 34-годишниот Гледи Мици. Албанскиот дефанзивец доаѓа од редовите на Тирана, каде настапуваше изминатите две сезони.
Мици не е непознат за мак-фудбалската јавност, во периодот од 2018 до 2020 година го носеше дресот на Шкендија и одигра 52 натпревари во ПМФЛ. Во тој период постигна два гола и запиша дури 17 асистенции, што е импресивен учинок за бек.
Кариерата ја почна во Аполонија, а потоа ги менуваше Камза, Фламуртари, Кукс и Скендербеу, за пред шест години да се пресели во Тетово. По авантурата во Шкендија, замина во Косово како играч на Приштина, а последна станица му беше Тирана.
Со своето искуство и офанзивен стил на игра, Мици треба да биде значаен адут за стружани во новата сезона.