Голем инцидент во Тузла, каде што беше прекинат натпреварот од 28. коло меѓу Слобода и Посушје.
Се играше 87. минута кога судијата Милош Гиговиќ досуди пенал за гостите, што предизвика бурни реакции кај домашните фудбалери. Играчите на Слобода демонстративно го напуштија теренот, незадоволни од одлуката која ја сметаа за спорна. Во моментот на прекинот резултатот беше 1-1. Пошушје поведе со автогол на Колинс Фаи во 37. минута, а Слобода израмни преку Аднан Џафиќ на стартот од второто полувреме.
Судијата ја напушти теренската површина под обезбедување, а при заминувањето доби и ироничен аплауз од играчите и раководството на Слобода. Претседателот Азмир Хусиќ му се обрати на Гиговиќ со зборовите: „Дај црвен на цел тим, мечка вашарска!“
По скандалот, Елмир Пилав си поднесе оставка од членството во Одборот за судење. Одборот за натпреварување на ФСБиХ во понеделникот донесе одлука – натпреварот е службено регистриран со 3-0 победа за Пошушје.
Слобода одамна остана без шанси за опстанок во елитата и е последна на табелата со само осум бода по 27 кола. За Пошушје, пак, овие три бода се златни во битката за прволигашки статус.