Францускиот клуб Ним, ја доби трката со Борусија Менхенгладбах и Трабзонспор по македонскиот напаѓач Влатко Стојановски од Ренова.
Спортскиот директор на Ним, за француските медиуми го образложи трансферот. Според него, Стојановски се уште не е подготвен да игра во Лига 1 и во него гледаат играч за иднината.
„Тој е централен напаѓач, голгетер, паметен во шеснаесетникот, има чувство за гол, игра и со двете нозе, добар е и со глава. Исто така е и играч кој работи за тимот. Тој се уште не е подготвен за Лига 1, но тренерот Бернар Блакар ќе го подготви, тој е потенцијал, го земавме за иднина“, вели директорот Лорен Боисие.
Тој цела сезона го следел Стојановски и добро е запознаен со неговите карактеристики. Неколку пати скаути на Ним биле и на натпреварите на Ренова.
Стојановски ќе потпише тригодишен договор со Ним. Според „Л’Екип“ и „Франс фудбал“ кои важат за најдобрите француски спортски медиуми, сумата која ќе ја добие Ренова изнесува 1,5 милиони евра. Ако информациите се вистинити, тоа е рекордна сума платена за фудбалер од македонското првенство.
Некои пишуваат дека се работи за значително помала сума, за цифра од 300.000 евра. Можеби при денешното официјализирање на трансферот Ним ќе ги соопшти и точните бројки па ќе ги расчиси сите дилеми.