Најголемите промени се во Супер Купот, тој нема да се игра како досега пред почетокот на сезоната, а нема да биде ниту само со шампионот во Примера и победникот во шпанскиот куп.
Супер Купот ќе го сочинуваат четири тима, финалистите од шпанскиот куп и двете првопласирани екипи во Примера. Доколку некоја од првите две екипи во лигата е и во финалето од купот, тогаш меѓу четирите ќе се најде следната екипа која е на табелата.
Полуфиналните натпревари ќе се играат на 8 и 9 јануари, а финалето на 12 јануари. Според шпанските медиуми, овој турнир од Супер купот нема да се игра во Шпанија, неговата премиера најверојатно ќе се случи во Саудиска Арабија, тоа го потврди и претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубиалес.
„Работиме на тоа. Ништо не е потпишано. Саудиска Арабија е опција, не можеме да го негираме тоа“, изјави Рубиалес.
Што се однесува до шпанскиот куп, досега тој се играше во два меча, а отсега реванши ќе има само во полуфиналето, до таму ќе има само по еден меч.
Четирите екипи кои ќе играат во Супер Купот, Барселона, Валенсија, Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, ќе ги прескокнат првите две кола од шпанскиот куп. Финалето ќе се игра на 18. април.