Репезентацијата на Италија ќе има нов селектор откако Фудбалската федерација на Италија донела одлука за смена по дебаклот во Осло (3-0) во квалификациите за Светското првенство.
Информацијата која претходно ја најавија италијанските медиуми ја потврди Спалети на денешната прес-конференција пред утрешниот натпревар со Молдавија.
„Разговаравме вчера и ми кажаа дека ќе бидам разрешен. Жал ми е со оглед на нашиот однос. Немав намера да се откажам. Би сакал да можев да останам, но кога е одлуката таква, морам да ја прифатам. Ваквата улога за мене секогаш била еден вид служење на татковината“. изјави Спалети.
Против Молдавија ќе ја води репрезентацијата и тоа ќе биде негов последен натпревар.
„Ќе го раскинам својот договор, а утре ќе бидам на клупата. Резулатите под мое водство се такви, какви што се и морам да преземам одговорност“, призна Спалети.
Ќе потсетиме, Италија ги пропупти последните два Мундијали, па отсуство од уште еден собир на најдобрите светски репрезентации би бил тежок удар за „Аѕурите“.
Фото: ФИГЦ