Фудбалскиот клуб Шкупи излезе со реакција по поразот од Силекс со 1-2 во 28. коло на ПМФЛ.
Чаирчани се пожалија за првиот примен гол од гостинот кој го даде Марко Ѓорѓиевски. Сепак, напаѓачот беше понапред од сите останати играчи во моментот на додавањато, а иако беше очигледно судиите не го забележаа тоа. Голот на Силекс важеше и потоа овој тим стигна до победата.
„Како нова управа на Шкупи која неодамна презеде контрола, секогаш досега реагиравме смирено и посветено за фер-плеј. Не го кревавме гласот дури и кога имаше неправди. Покажавме трпеливост и респект за институциите и покрај потешкотиите и контроверзните одлуки кои често директно влијаат на нашите натпревари. Како и да е, ова што се случи против Силекс е неприфатливо. Грешките се дел од играта, разбираме дека е тешко да се донесат одредени одлуки набрзина среде игра. Сепак, во овој случај кога Силекс израмни на 1-1, голот беше асистиран од помошниот судија. Бараме сериозна и инстантна реакција на надлежните во ФФМ, од највисоките тела на Судиската комисија и самите судии да преземат одговорност“, се вели во соопштението.