На денешната прес-конференција, тренерот на Пелистер, Марјан Секуловски, изрази надеж дека ќе биде донесена одлука да не се намали Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и на тој начин тие да не се преселат во ранг подолу.
Пелистер заврши една катастрофална сезона во која испадна од Првата лига, но надежта кај битолчани уште не е згасната.
„Надежта последна умира. Сметам дека постојат механизми поради кои Пелистер може да остане во ПМФЛ. Имаше сличен случај во една соседна земја која ќе игра на Светско првенство, каде што беше стопирана одлуката за намалување на лигата. Затоа верувам дека Пелистер може да игра и следната сезона во елитата“, вели тренерот Секуловски.
Тој им се извини на навивачите на Пелистер за испаѓањето од лигата.
„Им се извинувам на сите што не успеавме да ги оствариме нашите цели, иако мислам дека јас сум тој што најмалку треба да се извини. Во последните два месеци, на девет натпревари забележавме пет победи, три ремија и само еден пораз. Со тие 18 бодови, Пелистер под мое водство би бил на второто место, веднаш зад Вардар“.