Фудбалерите испишаа историја, но овој успех не смеат да го прослават со навивачите. Протоколите се строги, играчите не смеат да бидат во контакт со лица надвор од селекцијата, не смеат да ризикуваат да се заразат поради престојните натпревари кои ги имаат за Македонија но и за своите клубови.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини го потенцира тоа и ги замолува навивачите на почитување на мерките.
„Радосни сме, од срце им честитам на македонските фудбалери за историскиот резултат. Репрезентацијата покажа неверојатна сила и го заслужија епитетот – спортски херои. Фудбалерите, стручниот штаб и сите од ФФМ и медумите, најмногу сакаат да ја споделат радоста со навивачите и нашите сограѓани. Но, во време на пандемија мораме да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето и ве замолувам да бидеме одговорни. Ова е момент на голема радост, но убеден сум дека ќе имаме уште многу вакви моменти на кои заеднички ќе прославуваме. Да ги почитуваме мерките на здравствените институции за добро на секој од нас. Имаме два натпревари за неколку дена и важно е да ги поштедиме и нашите херои. Се гледаме на Европско. Напред Македонија“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.