Завршницата од натпреварот меѓу Кожуф и Башкими (1-2) во рамките на 28. коло на ВМФЛ предизвика многу полемики и реакции. Играчите на тимот од Гевгелија беа видно резигнирани и буквално стоеја во последните минути додека гостите стигнаа до пресврт.
Ден по натпреварот и откако се огласија од Башкими, на ист потег се реши и тимот на Кожуф. Од Гевгелија ги отфрлија обвинувањата како клуб, а притоа нагласија дека доколку се утврдат виновници за нерегуларности истите мора да бидат најстрого казнети.
„Во рамките на 28-коло од ВМФЛ НА градскиот стадион во Гевгелија се одигра натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими кој заврши со резултат 1-2.
По завршувањето на натпреварот во јавноста имаше силни реакции во однос на залагањето на дел од играчите од нашиот тим. Во овој момент ги отфрламе обвинувањата кон ФК Кожуф и играчите. Доколку истрагата од надлежните органи утврди нерегуларности на овој натпревар виновниците нека бидат најстрого казнети“, напишаа од Кожуф.
ФФМ веќе најави истрага за случувањата на теренот во Гевгелија откако македонската јавност се крена и реагира за скандалот.