Натпреварот меѓу Гостивар и Работнички од 29. коло на Првата македонска фудбалска лига не беше доигран. Гостиварци го напуштија теренот во 85. минута, што резултираше со службен пораз од 0-3.
По натпреварот следеа реакции од ФФМ и од клубот Гостивар, а денеска со соопштение се огласи и Работнички.
„Жалиме што натпреварот од 29. коло беше прекинат и што фудбалерите на ФК Гостивар го напуштија теренот. Ние секогаш се залагаме за спортски фер-плеј, за почит кон противниците, судиите, претставниците на ФФМ и навивачите. Фудбалот треба да биде на прво место, а бодовите да се освојуваат на теренот“, порачаа од скопскиот клуб.
Ова е втор викенд по ред со прекин на натпревар во домашниот шампионат, откако минатата недела теренот го напушти Воска Спорт.